Бугарскиот медиум епицентар.бг објави дека вечерата која на 24-ти јануари оваа година бугарскиот премиер ја организирал за својот колега од Македонија Димитар Ковачевски била најскапа од сите официјални вечери организирани од Кирил Петков.
За вечерата на Петков со Ковачевски, Бугарија потрошила 18.002,7 бугарски левови (околу 9.000 евра односно околу 550 илјади денари) покажуваат податоците добиени по слободен пристап на информации. Вечерата ја приготвила и фактурирала фирмата Елит травел интернешнл.
За разлика од вечерата со гостите од Македонија, официјалниот ручек на Петков со германскиот канцелар Олаф Шолц во јуни (кога германскиот лидер се обидуваше да го „стопи“ бугарското вето за Македонија) била трипати поефтина од онаа со Ковачевски. Ручекот со Шолц чинел 3.603 левови (1.800 евра). Вечерата пак на Петков со холандскиот премиер која содржела италијанска храна чинел 3.660 левови (1.830 евра).
Вечерата со албанскиот претседател Илир Мета која Петков ја организирал во април чинела 2.088 левови, додека на официјалниот обед со потпретседателот на Гугл, Петков со гостите изел и испил речиси 2 илјади лева односно помалку од илјада евра.
Иако вечерата со Ковачевски (кому ова му беше прва официјална посета во странство) според сметката е „најмрсна“ во списокот на трошоци, бугарските новинари наведуваат дека Петков всушност барал и добивал органска храна, овошје и зеленчук, а пиел скапи води и цедени сокови од свежо овошје.
Единственото алиби за Петков е дека вечерата со Ковачевски е најскапа доколку на неа седеле сите гости од Македонија, а тогаш во Софија покрај македонскиот премиер патуваа вицепремиерите Артан Груби, Славица Грковска, Фатмир Битиќи, како и министрите Османи, Бочварски, Бесими, Бектеши, Костадиновска-Стојчевска, Нуредини и Ајети. Беше планиран и вицепремиерот Бојан Маричиќ, но тој остана во Скопје поради инфекција со Ковид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.