Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска потпиша одлука со која им се дозволува на Северноатлантската алијанса да распореди сили во западниот дел на земјата и пратките со оружје да можат да транзитираат низ унгарска територија и другите земји-членки.

Одлуката предвидува силите за одговор на НАТО да бидат стационирани западно од реката Дунав и унгарскиот воздушен простор да се користи за транзит. Додека силите и опремата кои за Украина би можеле да поминат низ или над Унгарија, ако одат во друга земја-членка на Алијансата, а потоа да стигнат во Украина.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто минатиот месец изјави дека транзитирањето на оружје за Украина ќе ја загрози „безбедноста на Унгарија и унгарската заедница во Закарпатскиот регион“ (западна Украина).

Унгарската Влада, која гради добри односи со Москва во изминатите десет години, ја осуди руската инвазија и се согласи на санкциите на Европска Унија. Унгарија, исто така, ги отвори своите граници за бегалците, а повеќе од 180.000 луѓе избегаа од Украина во Унгарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.