Хрватска протера 18 руски дипломати и уште шест членови на административно-техничкиот персонал од руската амбасада во Загреб, која е речиси пет пати поголема од хрватската амбасада во Москва.

Рускиот амбасадор Андреј Нестеренко изјави за „Росија 24“ дека тоа е „политичко лудило“ и го нарече потегот на хрватските власти „нож во грб“ за руско-хрватските односи, кои досега се развиваа на општо задоволство на двете страни. Како што рече, во последната година и половина во Загреб и Москва се одржани две успешни средби меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот хрватски колега, Гордан Грлиќ Радма.

Рускиот амбасадор Нестеренко објаснува дека Хрватска како причина за протерувањето ја навела веќе воспоставената пракса на Брисел за – руска агресија и уништување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Нема ништо што досега не сме слушнале, рече Нестеренко.

На прашањето на новинарот, рускиот амбасадор изјави дека хрватските медиуми наведуваат дека во Мариупол се борат околу 200 хрватски платеници, како што рече, кои дошле таму многу пред „руската специјална операција, како нешто да очекуваат“. Нестеренко наведува и дека Хрватите се борат на страната на единицата „Азов“ и дека потврда за тоа е хрватското знаме кое се веело во Мариупол.

Очигледно не се работи за двајца или тројца, вели Нестеренко. Тој додаде дека хрватските официјални власти избегнуваат да зборуваат за хрватските платеници, но истакна и дека „ние (Русите) го следиме и внимаваме на однесувањето на хрватските официјални органи, пишува Јутарњи лист.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.