Вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19 и имаат валиден европски сертификат, од утре во Грција ќе патуваат слободно, без да биде потребно дополнително да се тестираат, додека пак за останатите, задолжителен е негативен резултат од ПЦР или рапид тест, согласно измените на мерките што утре стапуваат во сила, а важат и за државјаните на Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

По нешто помалку од два месеци, Грција ја укина мерката (воведена на 19 декеври 2021 година) за задолжителен ПЦР/рапид тест за сите патници од сите земји независно од тоа дали се вакцинирани или не, нешто што во петокот го соопшти и министерот за здравство Танос Плеврис кој рече дека „влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест”.

Со укинувањето на вонредната мерка, всушност условите за патување кај јужниот сосед се истите како што беа и претходно, пред да се воведе задолжителниот тест, но со ограничувања во однос на важноста на сертификатот за вакцинација, на девет месеци по втората доза и потврдата за прележан Ковид-19, 180 дена по првиот позитивен резултат.

Во Службен весник на Грција веќе е објавена новата министерската одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19″, што стапува во сила утре и ќе важи до 21 февруари 2022 година во шест часот наутро, а МИА детално ги пренесува правилата за патување кај јужниот сосед.

Влез во Грција е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 33-те земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Македонија, кои ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен тест по направен ПЦР или рапид тест.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.