Советот на ЕУ постигна договор за делумен прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната во воздушните и поморските пристаништа. Од шпанското претседателство соопштија дека одлуката е донесена со консензус на сите земји-членки, по писмена процедура, откако Австрија попушти и дозволи делумен влез на двете земји во Шенген. Ова е последната одлука донесена за време на шпанското претседателство, кое заврши на последниот ден од 2023 година.
Според одлуката, од 31 март следната година ќе се укинат граничните контроли на внатрешните гранични станици, но, засега само во воздушниот и поморскиот сообраќај. Датумот 31 март е избран бидејќи тогаш почнува летното сметање на времето и летниот распоред на летови во авиосообраќајот.
Договорот следеше откако Бугарија и Романија потпишаа заедничка декларација со Австрија во која се обврзуваат да ја интензивираат борбата против илегалната миграција.
Присуството на Фронтекс на бугарско-турската граница треба да се зголеми најмалку тројно, а контролите на копнените граници меѓу Бугарија и Романија и меѓу Романија и Унгарија ќе треба да бидат зајакнати“, се вели во заедничката декларација на трите земји.
Бугарија и Романија со години чекаат да влезат во Шенген зоната, а сега добија само делумен пристап до зоната без контрола на внатрешните граници.
Уште во 2011 година, Европската комисија заклучи дека двете земји ги исполнуваат сите услови и постојано ги повикуваше земјите-членки да го одобрат нивниот влез, но една или повеќе земји секогаш се противеа.
Комесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон, истакна дека сега е неопходно „да се обезбеди слободно движење и во копнениот сообраќај“.
Ќе продолжам активно да го поддржувам процесот на целосно пристапување во 2024 година“, изјави Јохансон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.