Грција од денеска ќе ја зафати нов топлотен бран, втор во период од неколку дена, со температури што ќе достигнат до 44 степени, јави дописничката на МИА од Атина.
Топлотниот бран Клеон се очекува да кулминира во текот на викендот, а метеоролозите прогнозираат дека високите температури ќе се задржат најмалку до крајот на месецов.
Општините повторно ќе ги отворат климатизираните простории за оние кои имаат потреба, а Министерството за здравство на Грција денеска ќе одржи вонредна прес-конференција со совети и препораки за заштита на граѓаните.
Периферијата Атика, поради најавените високи температури донесе одлука да бидат затворени парковите во поширокиот регион на Атина и да се одложат сите културни манифестации организирани од периферијата.
Поради високите температури, Министерството за култура на Грција ја остави отворена можноста во следните денови да има изменето работно време на Акропол и археолошките локалитети, кои како што вчера објави МИА, од денеска до недела ќе бидат четири часа затворени поради прекинот со работа на чуварите на археолошките локалитети, со цел да се заштити здравјето на вработените и посетителите.
Паралелно, од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи предупредија дека денеска, но и во следните денови е многу висока опасност од пожари во повеќе делови на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.