Европска комисија денеска најави шести инвестициски пакет како дел од Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кој се очекува да мобилизира 1,2 милијарди евра инвестиции.
Новите инвестиции се однесуваат на три приоритети од Економско-инвестицискиот план – животна средина и клима, одржлив транспорт и поддршка на бизнис секторот.
ЕК најави дека инвестициите ќе се реализираат во тесна соработка со партнери од Западен Балкан и меѓународни финансиски институции.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека со овој пакет од 1,2 милијарди евра се зајакнува регионалното поврзување со квалитетна инфраструктура.
– Нашите партнери од Западен Балкан ја градат својата европска иднина. Тие инвестиции, заедно со неопходните реформи и пристапот до единствениот пазар, ќе ги подготват економиите на нашите партнери за влез во Унијата, посочи Лајен.
Инвестицискиот пакет вклучува 300 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од членките на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан.
Целта на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан (2021-2027) е да се поттикне долгорочното закрепнување, да се забрза зелената и дигиталната транзиција и да се зајакне регионалната соработка и конвергенција со ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.