Пред почетокот на дебатата за гласање недоверба на владата, таа истакна дека статистиката ги побива сите измислени мотиви за гласање за економијата

Можно е формирање малцинска влада, изјави денеска министерката за економија Корнелија Нинова од БСП.

Пред почетокот на дебатата за гласање недоверба на владата, таа истакна дека статистиката ги побива сите измислени мотиви за гласање за економијата.

Нинова посочи на раст на БДП, инвестиции, потрошувачка, извоз, кои, според неа покажуваат подобро ниво од лани кога на власт беше ГЕРБ, кои и го поднесоа барањето за гласање недеоверба.

Според Нинова, малцинска влада е можна формула, но важно е што треба да се направи – ажурирањето на буџетот и промената на 22 закони според Планот за закрепнување и одржливост.

„Вреди да се обидеме да ги донесеме овие закони, бидејќи спротивното значи избори и немање парламент“, рече таа.

Но, доколку се изгласа недоверба, Нинова повика на формирање влада во рамките на овој парламент.

Бугарското собрание денеска одржува вонредна седница на која единствена точка на дневен ред ќе е расправата за гласање недоверба на владата на премиерот Кирил Петков.

Засега владејачката партија нема доволно гласови за да го одбие гласањето, но при гласањето во салата, како што јавува БГНЕС, може да дојде до промени.

ГЕРБ, која е подносителот на барањето за гласање недоверба, има 67 пратеници. Против владата се и ДПС, ИТН и Преродба или вкупно 125 гласа.

Владејачката коалиција има вкупно 115 гласа – Продолжуваме со промената, БСП, Демократска Бугарија и шесте независни кои се одделија од ИТН.

Гласањето ќе биде утре (22 јуни), но доколку расправата продолжи до доцна, гласањето би можело да се одложи за в четврток. За да биде изгласана недоверба, потребни се гласовите на 121 пратеник.

Гласањето за недоверба на кабинетот на Кирил Петков го поднесе пратеничката група на ГЕРБ на 15 јуни, а како причина го наведе „неуспехот на владата во финансиската и економската политика“. Поддршка за гласањето изразија претставници на Има таков народ (ИТН), ДПА и Преродба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.