Поранешниот вицепремиер за европски интеграции и министер за надворешни работи Никола Димитров е ангажиран за изнаоѓање добри дипломатски потези за Косово како држава и за градење на добрососедски односи. Неговото искуство во преговорите со Грција и пред сѐ во изнаоѓањето решение на спорот со јужниот сосед и формулирањето на меѓусебните односи со Преспанскиот договор, се чини, делуваат како драгоцени за Приштина имајќи ги предвид односите со Србија, блокадата во дел од меѓународните интеграции на Косово од страна на Белград, непризнаеноста на државата дури и во рамки на самата Европска Унија, а да не се зборува дека во светски рамки тој процес е с ѐ уште предизвик. Димитров има и разговори во Владата на премиерот Албин Курти.

На прашањето дали тоа значи дека е ангажиран како советник на премиерот на Косово, Никола Димитров во изјава за МКД.мк вели дека тој е ангажиран во функција на невладин проект.

„Јас сум ангажиран од страна на Балканската група за истражувачки политики, невладина организација во Приштина, на проект насочен кон зајакнување на стабилноста и државноста, како и на европската агенда на Косово. Меѓу другото, помагав и за визната либерализација за нашиот сосед“, ни изјави Димитров.

Неговиот ангажман, како што вели, е парцијален и тој не престојува во Приштина.

„Во контекст на проектот, јас имам средби со владата, која е корисник на проектот. Сепак, нагласувам, мојот ангажман е со Балканската група за истражувачки политики“, вели Димитров.

Повеќе на МКД.мк


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.