Новинарите во Грција, организирани од нивните здруженија, во пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк во рамките на утрешниот генерален штрајк за железничката несреќа, со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии.

Во изминатите години пракса на новинарите е кога учествуваат во генерален штрајк на синдикатите, нивниот прекин со работата да биде ден претходно за да можат да ги покријат протестите и демонстрациите и да информираат за нив.

Последните објавени вести во Грција денеска се кусо пред пет часот утрово, неколку минути пред почетокот на штрајкот во кој учествуваат информативните портали, телевизиите, радијата, како и државната новинска агенција АНА-МПА и државната телевизија ЕРТ.

Од новинарските здруженија велат дека новинарите од целата земја им се придружуваат на грчкото општество и синдикалното движење и го поддржуваат барањето да сносат одговорност виновните за железничката несреќа и да се донесат мерки за во иднина да се избегнат слични несреќи.

Штрајкот на новинарите ќе трае до утре во пет часот наутро.

Двата најголеми грчки синдикати на вработените во државниот и приватниот сектор за утре закажаа генерален, 24-часовен штрајк што се очекува повторно да ја парализира земјата.

Нема да функционираат државните служби, затворени ќе бидат училиштата, бродовите и траектите ќе останат закотвени на пристаништата, проблеми ќе има во авионскиот сообраќај со откажани летови, а во Атина и низа други градови ќе се одржат протести.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.