Во Полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица денеска стапија на должност нови полицајци од неалбанска заедница од кои 45 се Срби, 16 се Бошњаци, тројца се Турци и осум се припадници на ромската, ашкалиската и египетската заедница.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, за косовски медиуми потврди дека новите српски полицајци во косовската полициска служба се од различни делови на Косово, а повеќето од нив се од општините на северот, од Митровица, Лепосавиќ и Зубина Поток.

Елшани потврди дека новите полицајци од денеска почнуваат со работа во станица и на терен, но дека нивната обука продолжува.

Тие полицајци се дел од групата од 418 комплетирани питомци на косовската полиција, а во тек е нов конкурс за регрутирање на нови полицајци.

На почетокот на ноември 2022 година, Србите во косовската полиција ги соблекоа униформите на покана на Белград, поради конфликтот со властите во Приштина поради воведувањето на косовски регистарски таблички за општините на северот на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.