По предлог на премиерот Еди Рама и потпишаната уредба од шефот на државата Бајрам Бегај, за директор на албанската тајна служба, ШИШ, именувана е Влора Хисени од Косово.

„Само што ја завршивме презентацијата во институцијата на новата директорка на ШИШ , Влора Хисени,  за чие наименување уредба потпиша претседателот на државата. Честитки,“ напиша Рама на Фејсбук.

Во предлогот што му го достави до Бегај, Рама напиша дека тоа го прави со „целосна увереност дека извонредната подгототвеност, искуството создадено со годините и почитта што Хисени ја ужива во меѓународната разузнавачка заедница, претставуваат целосна гаранција за натамошна реформа на албанската разузнавачка служба“.

-Хисени е експерт и добар познавач на безбедносните прашања и меѓународните односи. Познава неколку странски јазици. Била на високи функции во косовската Агенција агенција за разузнавање а во одреден период и нејзин прв човек. На 30 август 2021 година косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, ја разрешиле од функцијата заменик – директор, а кусо потоа, односно, во септември истата година, станала советник во кабинетот на Рама, наведуваат медиумите.

Доаѓа на местото на Херолинд Бендо, кој на функцијата дојде во 2018  а во средината на декември минатата година беше разрешен по предлог на Рама и со уредба на Бегај.

Според образложението Бендо лично побарал да биде отповикан од функцијата поради продолжување на постдипломските студии во Националниот универзитетот за одбрана во САД.

Ова не е првпат Рама на значајна функција да постави Косовец. Во декември 2018, при реконструкција на владиниот кабинет за министер за образование, млади и спорт ја постави Беса Шахини, која на оваа функција остана до септември 2020 година. Косовецот Гент Цакај при истата реконструкција го предложи за министер за Европа и надворешно работи, но уредба за него не потпиша тогашниот претседател Илир Мета, по што Рама ја презеде функцијата министер а Цакај го наименува за овластен министер, функција на која остана до декември 2020 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.