За државната финансиска поддршка од 100 евра во Србија се пријавиле 1.019.796 млади лица, а исплатата ќе започне од утре, 1 февруари и ќе трае три дена, јави дописникот на МИА од Белград.
Бројот на пријавени покажува колку добро погодивме кога ја дефиниравме оваа помош за младите. Уплатата ќе започне утре и ќе трае на 1, 2 и 3 февруари. Кај младите се создаде доза на оптимизам, а ние ја покажавме силата на нашите јавни финансии. Пријавувањето траеше две недели, од 15 до 30 јануари, изјави за ТВ Прва министерот за финансии Синиша Мали.
Тој кажа дека „е создадена убава и позитивна атмосфера“, како и дека младите веќе смислиле на што ќе ги потрошат тие пари.
Како што наведе, на првиот ден од исплатата на помошта од 100 евра односно во противвредност од 11.758,56 динари, таа ќе се уплати на сметките на околу 300.000 граѓани, вториот ден на уште околу 350.000, а третиот ден парите можат да ги очекуваат и останатите пријавени млади лица. Според Министерството за финансии, за оваа мерка помош државата издвоила околу 12 милијарди динари.
Мали кажа и дека само еден ден пред почетокот на аплицирањето за 100 евра, на сите здравствени работници им биле исплатени 10.000 динари, а на 10 февруари на пензионерите ќе им бидат исплатени 20.000 динари.
Како што појасни, иако некои велат дека државата дели пари „со лопата“, тоа не е точно, бидејќи помош добиваат само оние кои за неа аплицирале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.