На денешен ден, пред 10 години, беше потпишан Првиот договор за принципите на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, т.н. Договор од Брисел, кој беше склучен под покровителство на ЕУ.
Преговорите ги водеа тогашниот премиер на Србија, Ивица Дачиќ, и премиерот на Косово, Хашим Тачи, со посредство на високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон.
Договорот со кој започна нормализацијата на односите со Косово има 15 параграфи, од кои првите шест се однесуваат на формирањето, опсегот и функциите на планираната ЗСО, а следните три на полицијата и безбедноста, со прецизирање на едни Полициски сили за цело Косово, вклучително и северно Косово, наречени полиција на Република Косово.
Според став 14, беше договорено дека „ниту една страна нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на нејзиниот пат кон ЕУ“.
Ставот 15 предвидува формирање комитет за имплементација, со помош на ЕУ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на годишната прес-конференција на почетокот на јануари објави дека во моментов 106 земји не го признаваат Косово, 84 го признаваат, а три држави „не се на чисто“. Косовските власти, пак, тврдат дека Косово го признаа 115 земји.
Српските власти наведуваат и дека во последните 15 години 27 земји донеле одлука за повлекување на признавањето.
Дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ, започна во март 2011 година. Првиот бриселски договор беше потпишан на 19 април 2013 година, додека две години подоцна Косово и Србија потпишаа договор за Заедница на општини со српско мнозинство, со кој се усогласија општите принципи и клучните елементи.
Договорот од 2015 година се состои од 22 точки, во кои се прецизирани законската рамка, целите, организациската структура, односот со централните власти, буџетот и поддршката.
Во согласност со првиот Бриселски договор, врз основа на Статутот треба да се формира Заедница на општини со српско мнозинство, чија една верзија беше изготвена во 2018 година со одобрение на ЕУ врз основа на договорот од 2015 година, но никогаш не беше претставен на јавноста.
Оваа година двете страни го прифатија германско-францускиот предлог за нормализација на односите и се договорија за Анексот за имплементација. Српската страна инсистира прво да се формира ЗСО, односно да се исполнат одредбите од Бриселскиот договор, за да се продолжи со понатамошна нормализација, а косовската страна одбива, наведувајќи дека формирањето на ЗСО не е во согласност со Уставот на Косово.
Следната рунда разговори ќе се одржи, како што наведува Н1, на 2 мај, кога ќе се разговара за спроведувањето на договорите. Потоа Александар Вучиќ и Албин Курти ќе патуваат за Брисел.
Иако сите рокови предвидени со Бриселскиот договор се истечени, ЗСО се уште не е на повидок
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.