По осудата на министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, кој побара објаснување од Министерство за надворешни работи на Молдавија за забраната за влез на музичарот и поранешен фронтмен на популарната југословенска рок група „Бијело дугме“ Горан Бреговиќ во Кишињев, се огласи молдавскиот министер за внатрешни работи Адријан Ефрос кој изјави дека на Бреговиќ му е забранет влезот поради неговите проруски ставови и поддршката за руската анексија на Крим, јави дописникот на МИА од Белград.

Ефрос рече дека „се анализирале и други причини во безбедносните структури“ кога било одлучено да не се дозволи влез на Бреговиќ во Молдавија, но не соопшти повеќе детали.

Според Радио Слободна Европа, Бреговиќ во март 2015 година одржал концерт во Одеса на Крим, една година откако на тој украински полуостров беше организиран референдум за приклучување кон Русија, кој не беше признат од повеќето земји-членки на Обединетите нации.

Граничната полиција на Молдавија вчера претходно соопшти дека на Бреговиќ му е забранет влез во земјата од 2022 година, за што, велат, однапред биле информирани организаторите на фестивалот во Стари Орхеи, пренесува молдавската агенција ИПН.

Како што соопштија од Граничната полиција, врз основа на анализа на ризик и информации добиени од размена на информации со Службата за разузнавање и безбедност, како и со меѓународни партнери, забранет е влез во државата на 29 странски државјани кои имале намера да влезат во Република Молдавија во последните 24 часа.

-А во врска со објавениот случај на странски изведувач на кој не му беше дозволен влез во Молдавија, напоменуваме дека организаторите биле однапред известени за забраната која важи од 2022 година до денот на неговото пристигнување во нашата земја, наведоа од Граничната полиција.

Горан Бреговиќ требаше да настапи во недела на 20 август на музичкиот фестивал Густар во Стари Орхеј. Неговиот бенд ден претходно бил вратен од границата на аеродромот во Кишињев, главниот град на Молдавија, а Бреговиќ не ни тргнал на пат потоа.

Денес забраната на Бреговиќ за влез во Молдавија ја коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој оцени дека за ова имало „чудни причини“.

-Кога видов дека некому во молдавската јавност му пречи кога Бреговиќ пее песна наречена „Калашников“, тогаш застануваш и се прашуваш што е ова народе. Тогаш разбирате дека се работи за таква глупост што доаѓа од социјалните мрежи, не ми се верува дека некои земји така реагираат, рече Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.