Најмалку сто илјади кокошки се угинати во живинарски фарми во подрачјето на албанскиот пристаништен град Драч, како последица на птичји грип, јави дописничката на МИА од Тирана.
Угинување на живината се појавило пред две недели, но Министерството за земјоделство постоењето на птичјиот грип – H5N8 го потврди вчера доцна попладне, по обвинувањата на Здруженето за заштита на потрошувачите и локални производители дека се продава живина без никакво ограничување, иако појавата е на големо присутна.
Од Министерството велат дека мострите се анализирани од 7 март кога биле информирани дека има угината живина, но дури вчера попладне соопшти дека станува збор за птичји грип. Во овој период не биле известени здравствените власти кои треба да вршат епидемиолошки надзор како во секој случај за заразни болести, кршејќи ги протоколите, пренесуваат албанските медиуми.
Дополнителен скандал, според медиумите, е фактот што угинатата живина сè уште не е закопана според стандардите, туку таа е оставена во дворовите на фармите, што се гледа и од фотографијата што ја објави АБЦ њуз.
Министерството за земјоделство се чини дека сè уште има проблем да ја држи ситуацијата под контрола. Вирусот го пренесуваат дивите птици, а неодамна беше откриен во две соседни земји, во Македонија и Грција. Министерството за земјоделство со големо задоцнување бара локалните власти да не дозволат продажба на жива живина на пазарите, наведува Топ чанел.
Здружението за заштита на потрошувачите и локалните производители наведува дека со денови предупредувало на постоење на болест кај живината во Драч и оти најверојатно станува збор за птичји грип, но институциите не реагирале навремено.
Јавно го повикуваме министерот за земјоделство да се огради од неодговорното однесување на двете најповикани институции, Институтот за ветеринарство и Агенцијата за храна кои „со флагрантно кршење на законот дозволуваат повеќе од 20 дена хаотична состојба со тоа што не ја потврдија дијагнозата на време“, наведува Здружението.
Тоа бара истрага и одговорност, а доколку Министерстото тоа не го стори, најави кривична пријава до Специјалното јавно обвинителство, СПАК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.