Претседателката на Косово Вјоса Османи во изјава за „Дојче веле“ истакна дека Приштина е подготвена да направи повеќе за етничките Срби да се чувствуваат рамноправни, но кога станува збор за имплементирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), мора да се внимава бидејќи, според неа, тоа не би смеело да наликува на Република Српска.

Според Османи, ваквите евентуални творби би биле опасни за регионот, но и за цела Европа и затоа треба да се работи на модел кој би бил прифатлив за сите страни подеднакво. Кога станува збор за одржување на избори на северниот дел од земјата, таа вели дека Косово е подготвено да организира избори веднаш, со предуслов во нив да земат учество етничките Срби.

Побаравме поддршка од нашите партнери за да обезбедиме Србија да не се меша незаконски во изборите на друга земја, како што направи минатиот пат, и да не врши притисок врз косовските Срби да не учествуваат, но досега не сме добиле одговор, рече кажа Османи.

Косовската претседателка изјави и дека косовските власти им предложиле на КФОР и на Еулекс да направат заедничка безбедносна проценка за повлекување на косовската полиција од северот на државата, но истакна и дека треба да продолжат заедничките напори за да се пронајдат оние што извршија насилство врз војниците на КФОР.

За влошувањето на ситуацијата во доминантно српските општини, Османи вели дека виновникот е Србија, а претседателот Вучиќ се враќа на стара стратегија блокирајќи го напредокот на земјата. Таа ја критикуваше меѓународната заедница што не реагира на, како што рече, кршењето на договорите извршени од Србија.

Во последните два месеца, од 18 март, кога беше склучен договорот, континуирано има прекршувања, но никогаш не слушнавме изјава од европските земји. Мислам дека ова ја охрабрува Србија да не се грижи за тој процес и го поткопува кредибилитетот на процесот на дијалог, рече Османи.

Од друга страна, пак, денеска директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кажа дека синоќа во северниот дел на Митровица имало вистинска воена опсада и дека косовскиот премиер Албин Курти наместо да работи на намалување на тензиите, работел на предизвикување војна. Под вакви околности, според Петковиќ, Белград не гледа како може да продолжи понатамошниот дијалог за деескалација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.