Министрите за внатрешни работи на Хрватска, Словенија и Италија по денешната средба во хрватскиот град Бузет најавија дека заедничката соработка меѓу полицијата и министерствата за внатрешни работи на тие три земји ќе се прошири и на земјите од Западен Балкан со цел да се спречи илегалната миграција и шверц на луѓе.
На почетокот на ноември во Трст се одржа првата средба на министрите Давор Божиновиќ, Боштјан Поклукар и Матео Пјантедоси, а беше договорена посилна соработка во заедничкиот надзор на границите на миграциската рута на Западен Балкан.
Тие денеска констатираа дека досегашната заедничка акција на полициите на трите држави била ефикасна, со тоа што на границите не е забележана поголема гужва, пренесува Нови лист.
„Граѓаните на Италија, Словенија и Хрватска не се чувствуваа контролирани во толкава мера што би ги нарушило нивните движења, особено во пограничните области. Само оваа година во Хрватска имавме 90 апсења на шверцери на мигранти“, изјави денеска Божиновиќ по средбата во Бузет.
Неговиот колега од Италија истакна дека контролите вродиле со плод и дека од 21 октомври минатата година до денес италијанската полиција контролирала 160 илјади лица и 96 илјади возила и дека во тој период се евидентирани 1.600 илегални преминувања на границата, од кои 900 биле вратени. Притоа, пронајдени се околу седумдесетина сомнителни лица, од кои педесетина шверцери на луѓе, а на полицијата и се познати и неколку десетици лица кои се обиделе да ја преминат границата во врска со тероризам.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар, тврдејќи дека моментално не функционира Шенген зоната, истакна дека на министерско ниво е договорено сообраќајот на стоки да не биде запрен на полициски контроли и дека нема да има проблеми за луѓето кои поради работа секојдневно ја минуваат границата.
Проширувањето на соработката кон земјите од Западен Балкан ќе биде дефинирано на следниот состанок на 21 и 22 март во Брдо кај Крањ.
– Со новата средба во Брдо кај Крањ сакаме да ги истражиме можностите како заеднички да сториме сè во борбата против криумчарењето мигранти, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
– Се договоривме дека ќе соработуваме заедно на подрачјето на Западен Балкан, бидејќи имаме голем број илегални мигранти. Минатата година Словенија приведе 60.000 странци кои илегално ја минале границата. Тоа е голема бројка за Словенија, рече Поклукар, додавајќи дека на средбата се разговарало за присуството на Фронтекс во соседна Босна и Херцеговина, преку која голем број илегални мигранти доаѓаат во Хрватска и понатаму во другите земји на ЕУ, како и за поддршката на влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.