Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека граѓанска Босна и Херцеговина, како што предлагаат тројцата членови на последното Претседателство на СФРЈ, не е можна и не е во интерес на Хрватска.
Милановиќ истакна дека за тоа разговарал со поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ, истакнувајќи оти е против неговата идеја.
Ние разговараме и не мислиме исто за тоа. Граѓанска БиХ, таква како што се замислува, не само што нема да биде моќна, туку не е и во интерес на Хрватска – истакна Милановиќ.
Тој додаде дека статусот на Хрватите во БиХ „мора да биде статус на рамноправен, конститутивен народ, кој ќе избира свои претставници во Домот на народите“, додавајќи дека хрватските претставници сега се бирани од оние кои не се Хрвати.
Милановиќ повтори дека заедно со хрватските претставници во БиХ се обидува „да најде решение за да не се малтретираат Хрватите како што (Слободан) Милошевиќ тоа го правеше на друго малцинство“.
Денешното однесување на бошњачкото раководство во БиХ е образец на однесување на Слободан Милошевиќ, нивниот џелат, начинот на кој тој се однесуваше во 90-тите – посочи Милановиќ.
Тројца членови на последното претседателство на СФРЈ, Месиќ од Хрватска, Богиќ Богичевиќ од БиХ и Васил Тупурковски од Македонија подготвуваат документ наречен Апел за спас на Босна и Херцеговина, во кој нагласуваат дека граѓанската држава е единственото решение за БиХ.
Тие се залагаат за сосема спротивно решение за БиХ од етничкиот концепт на Република Српска и Федерација БиХ, што е поддржан од властите во Белград и во Загреб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.