Европската унија не е одбранбена алијанса, изјави денеска во Дубровник хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и додаде дека европската мисија за воена помош за Украина за која се залага хрватската Влада, исто така е спорна според Договорот за функционирање на ЕУ, бидејќи таквите мисии може да се одвиваат само надвор од нејзина територија.

Таа мисија е сомнителна од гледна точка на правото на Европската унија. За мене, по сите овие години, Европската унија е дефинитивно пред се трговска асоцијација, рече Милановиќ, пренесе Хина.

Таа е и заедница на вредности, но не е одбранбен сојуз и никогаш нема да биде. Независно нечиите налудничави желби тоа да стане. Едноставно не може, додаде тој.

Милановиќ појасни дека според Член 42, Став 1 од Договорот за Европската унија, такви мисии можат да постојат само надвор од териториите на членките на ЕУ.

Тоа не може да биде на територијата на земјите-членки. Тоа напросто не е предвидено. Тие што ја донеле одлуката го знаат тоа, но се преправаат дека се мртви, тврди Милановиќ.

Според хрватскиот претседател, таквите одлуки „чекор по чекор водат кон анархија“, бидејќи Европската унија не била замислена како воен сојуз.

Сите тие обиди се покажаа како неприродни во однос на тоа што е ЕУ. Таа нема да биде она што би сакале некои агресивни бирократи, туку еден простор на мир, безбедност, слободна размена на луѓе и идеи…, рече Милановиќ.

Некој очигледно почувствува дека сега е вистинската можност да направи чекор понатаму. Следно најверојатно ќе биде униформата на Европската унија. Јас нема да ја носам, додаде тој.

Советот на ЕУ на 15 ноември ја усвои одлуката за започнување мисија за воена помош на ЕУ за поддршка на Украина (EUMAM – European Union Military Assistance Mission in support of Ukraine), во чии рамки е предвидена обука на 15 илјади украински војници во земјите на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.