Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ потенцираше дека во Резолуцијата за геноцидот во Сребреница на Обединетите нации не се ни споменуваат Србите.

Се обидувам да им кажам на сите политички Срби и Срби во политиката дека Резолуцијата за Сребреница не ги допира ниту Србите, српството или Србија, поточо нема ниту збор за Србите. Ако тоа им пречи или пак сметаат дека е газење, искоренување и трауматизирање на Србите, тогаш утре ќе им пречи облачен ден, рече Милановиќ во Света Недела, коментирајќи ја усвоената резолуција на Обединетите нации за геноцидот во Сребреница.

Тој додаде дека „во Сребреница се случи страшно злосторство, судот го нарече геноцид“.

Ништо не може да го смени фактот дека една манијакална група убијци уби илјадници луѓе, главно мажи од сите возрасти, и тоа секогаш ќе остане така. Мислам дека е време да го затвориме ова и да почнеме нормално да живееме во Босна и Херцеговина, бидејќи оваа мисија за отцепување е невозможна, рече Милановиќ, пренесе неговата прес-служба во соопштението.

Тој нагласи дека Република Српска не може да се отцепи од Босна и Херцеговина и дека „се прави голема врева без добра причина“.

Милановиќ ја критикуваше хрватската влада дека не се консултирала со него за резолуцијата за Сребреница, бидејќи тоа се бара според Уставот.

Тој оцени дека начинот на кој Хрватска ја ко-спонзорирала резолуцијата за Сребреница е неуставен.

Не ја оспорувам содржината и би ја поддржал, но тоа е направено зад мој грб, без консултации и дискусии, нагласи хрватскиот претседател.

Тој повтори дека сите тие се одлуки кои според Уставот не смее да ги носи владата без претседателот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.