Станува збор за неверојатна лага, имаме текст без апсолутно никакви докази и без апсолутно никаква поврзаност со мене, а лично сум обвинет дека сум „мозокот“ на оваа мрежа, зарем постои Грк кој верува дека во сето она со кое требаше да управувам во последниве три и пол години, во слободно време ги прислушував министрите, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за информациите објавени во весникот „Документо“ дека следел министри од неговата Влада, нивни сопруги, поранешен премиер, поранешни министри, новинари и бизнисмени, Мицотакис упати обвинувања до новинарот и издавачот на весникот Костас Ваксеванис, велејќи дека ако не достави докази, „нема да биде само клеветник туку и национално опасен“.

-Зад господинот Ваксевани, се крие господинот Ципрас. Немајте никаков сомнеж дека е негова стратегијата, државата да ја потоне во кал, рече Мицотакис.

За ставот на Ваксеванис дека „постои една единствена мрежа за следење, а криминалниот мозок е Мицотакис“, грчкиот премиер истакна дека не постојат никакви докази за напишаното и „срамота е некој да мисли дека премиерот го прислушува министерот за надворешни работи и крајно опасно е“.

Грчкиот премиер потврди дека во Грција некој работи со софтверот за следење „Предатор“, но категорично рече дека не е Националната служба за разузнавање, ниту пак тој лично има било каква вмешаност.

Никогаш не тврдев, ниту Владата тврдеше, дека не постои прислушување и центар кој работи со софтверот „Предатор“. Ова е сосема различно од тоа да се обвинува премиерот за оркестрирање на вакво нешто. Тоа се две сосема различни работи. Од првиот момент прифативме дека има проблем со нелегален софтвер во земјава, рече Мицотакис и додаде дека не знае кој управува со конкретниот центар што го користи конкретниот софтвер за прислушување и треба да се открие.

Потенцираше дека Грција, со закон, ќе биде првата земја која ќе забрани продажба на вакви софтвери, за кои рече дека во овој момент постојат околу 500 на пазарот, а „постојат странски сили кои ги имаат на располагање“.

Можеби постојат во земјата економски фактори кои би ги имале, кои ги имаат или кои би сакале да ги имаат. Обезбедувањето на приватноста на комуникациите не е лесна задача, рече Мицотакис.

Паралелно отфрли било какво сценарио за предвремени избори, истакнувајќи дека ќе се одржат регуларно, во 2023 година.

Изборите ќе се одржат, како што се обврзав, на крајот на четиригодишниот мандат. Лично јас нема да се вовлечам во политички случувања од некои професионални уценувачи кои се стремат кон токму тоа, истакна Мицотакис.

Објасни дека Владата ја има довербата од Парламентот, и посочи дека ако некој се сомнева во тоа, може да достави барање за гласање недоверба.

Ако господинот Ципрас навистина сака да одиме во Парламентот и да се соочиме, има можност да го стори тоа. Доколку верува дека оваа Влада не ја ужива пратеничката доверба на мнозинството од Нова демократија, го предизвикувам, уште денеска да дојде во Парламентот да поднесе барање за недоверба на Владата. Да дискутираме за целиот случај и за прашањата за прислушувањата, а во исто време Парламентот да може да заземе став дали продолжува да има доверба во оваа Влада и во овој премиер, порача Мицотакис.

Случајот со прислушувањата, по објавениот текст во весникот „Документо“ во неделата беше главната тема во синоќешното интервју на грчкиот премиер за телевизијата „Антена“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.