На крајот преовлада здравиот разум и доброто на Алијансата и се надминаа сите опортунистички и утилитарни однесувања, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на НАТО Самитот во Мадрид изразувајќи задоволство што Шведска и Финска ќе станат членки на Алијансата и порача дека потребна е посветеност на војната во Украина и не е потребен нов извот на нестабилност, јави дописничката на МИА од Атина.

Сакам да го изразам моето задоволство за фактот што денеска Алијансата ќе им упати покани на Финска и Шведска да станат 31 и 32 членки на Алијансата. На крајот преовлада здравиот разум и доброто на Алијансата и се надминаа сите опортунистички и утилитарни однесувања – рече Мицотакис.

Истакна дека руската инвазија во Украина, дава ново значење на евроатланстската Алијанса и „нè обврзува да се движиме побрзо за да ги зајакнеме структурите на НАТО“ и потсети дека Грција е членка од 1952 година и е „важен столб на стабилноста во Југоисточниот Медитеран“, но и земја која систематски инвестира повеќе од 2 отсто од својот БДП во трошоците за одбраната.

Како столб на стабилноста во Југоисточното крило на НАТО ги имаме сите причини да веруваме дека во овој момент посветеноста на Алијансата треба да биде на предизвикот со кој се соочува на фронтот во Украина. Не ни треба друг извор на нестабилност во Алијансата и верувам дека тоа е нешто што го разбираат сите наши партнери – рече Мицотакис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.