Сакам да започнам извинувајќи им се лично и искрено на нашите сограѓани кои со часови страдаа заглавени на автопатот „Атики Одос“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од денешната вонредна владина седница, осврнувајќи се на проблемите предизвикани од снегот и коментирајќи дека постоеле пропусти и недостатоци, а државниот механизам сè уште не целосно подготвен, јави дописничката на МИА од Атина.

Да, имавме невидени снежни врнежи, да, снегот можеби дојде малку побрзо од она што го предвидоа метеоролозите, но не, нема да се повикам на тоа како изговор. Имаше пропусти и недостатоци кои треба да се коригираат. А поради сите овие причини го формиравме новото Министерство за климатски кризи. Јас ќе продолжам да го поддржувам овој избор, зајакнувајќи ги уште повеќе неговите структури и капацитети. Со грижа, работењето на Министерството да стане поефикасно со подобра соработка на сите други Министерства – истакна Мицотакис и додаде дека во минатото покажале дека „имаат храброст да ги признаат грешките и подготвеност да учат од нив.

За хаосот на автопатот „Атики Одос“, што ги поврзува атинските предградија, каде што возачи и по 12 часа останаа заглавени во нивните автомобили, Мицотакис им се извини на граѓаните и истакна дека одговорноста е на приватната компанија- концесионер и затоа возачите ќе добијат оштета од 2.000 евра.

Мицотакис призна дека проблеми немаше само на конкретниот автопат, туку и на централни улици и булевари во поширокиот регион на Атина.

Вистина е дека инфраструктурите на една медитеранска земја не се секогаш прилагодени за услови на обилни снежни врнежи. Иако насекаде во светот многу снег носи големи проблеми. Но, исто така, вистина е дека државниот механизам сè уште не е на потребната точката на подготвеност за феномени со толку голем интензитет. А тоа пред сè се однесува на координацијата меѓу инволвираните: државата, локалната самоуправа, периферијата, општината и поединците. Јасно е и ако треба да извлечеме поука од неуспешното справување со ова снежно невреме е фактот што во услови на криза центрите, раководителите на сите овие структури, мора да бидат заедно, веднаш и заедно да одлучуваат и да дејствуваат – рече грчкиот премиер.

Додаде дека во оваа насока ќе следат и промени за да постојат комисии за управување со кризи за во иднина да нема појави на недоразбирање, доцнење во одлучувањето итн.

Учиме и одиме напред, порача Мицотакис на крајот од неговото обраќање на владината седница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.