Грција повеќе не е „црната овца“ во Европа, туку е кредибилен партнер, држава која учествува во создавањето на случувања, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на намерата на Европската комисија да не го продолжи засилениот надзор за Грција по неговото истекување на 20 август годинава со што и официјално ќе заврши 12-годишната криза во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека ова, за Грција и Грците е „важен национален успех“, бидејќи „со печатот на Еврогрупата, економијата сега е ослободена од режимот на засилен надзор“.
Со ова се затвора болниот циклус отворен пред 12 години. И, во исто време, се отвора нова ера на автономни избори за развој на земјата и просперитет на нејзините граѓани. Така, по укинувањето на капиталните ограничувања и отплатата на заемите од ММФ, се постигнува и третата цел што од самиот почеток ја постави Владата, отворајќи го патот кон големата национална цел: стекнување инвестициски рејтинг што отклучува уште повеќе можности за просперитет за сите – истакна грчкиот премиер.
На вчерашниот состанок на Еврогрупата бил разгледан напредокот на Грција во спроведувањето на реформите и нејзините макроекономски изгледи, врз основа на 14-тиот извештај за засилен надзор на Европската комисија.
Соопштија дека со оглед на успешното исполнување на најголемиот дел од политичките обврски на Грција, министрите ја поздравиле намерата на Европската комисија да не го продолжи засилениот надзор по 20 август 2022 година, а ова, „во комбинација со претходното укинување на контролата на капиталот и целосната отплата на заемите од ММФ, ќе ги врати условите на нормалност во Грција за прв пат од 2010 година“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.