Хеликоптери на МВР на Србија во моментов го гаснат пожарот што гори на планината Козјак над манастирот Прохор Пчињски. Манастирскиот комплекс е безбеден од пожарот, јави дописникот на МИА од Белград.

Манастирскиот комплекс е безбеден од пожарот што веќе неколку дена беснее на планината Козјак, во чие подножје се наоѓа ова православно светилиште. Пожарот од манастирот е оддалечен околу 2 километри воздушна линија, а 15 километри територијално, изјави за порталот Бујановачке, Бранимир Стојанчиќ од организацијата Предел со извонредни карактеристики на Пчињската долина (ПИО).

Стојанчиќ кажа дека пожарот од Македонија, каде што гори од неделата, во вторникот се проширил на територијата на Србија, поточно општина Бујановац, но дека среќна околност е што пожарот гори на врвовите на Козјак, далеку од населбата и самиот манастир.

Тој додаде дека службата ПИО уште порано оспособила планински патишта што сега многу им ја олеснува работата на пожарникарите и спасувачите на терен.

Во гаснењето на пожарот учествуваат десет наши луѓе. Денеска очекуваме хеликоптери, кои вчера ја надлетуваа областа. Голема штета е што гори квалитетна шума, изјави Стојанчиќ.

Синоќа вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека денеска два хеликоптери на Хеликоптерската единица на МВР ќе го гаснат пожарот што се прошири од Македонија во местото Козјак кај Бујановац, во близина на манастирот Прохор Пчињски.

Во гаснењето на пожарот на крајно непристапен терен во областа Козјак, ангажирани се 43 пожарникари-спасувачи со 14 возила од противпожарните единици на Врање, Белград, Ниш, Лесковац, Крушевац, Смедерево, Панчево, Јагодина и Крагуевац, изјави министерот Дачиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.