Здруженијата на Македонците во Бугарија ги осудуваат последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев насочени кон Македонија. Во нивната реакција стои дека „цинизам е претседател на држава каде редовно се кршат човековите права и има толку многу, критики од меѓународните институции за правата на човекот и толку многу пресуди во Судот за човекови права во Стразбур да изговара такви зборови“.

Македонските здруженија тврдат дека Бугарија ги тепаше своите граѓани со македонска самосвест во годините на демократијата и дека имаше напади врз македонски собири и врз македонски клубови.

Разликата е што за тоа во Бугарија апсолутно никој не е суден, ниту осуден, ниту казнет. Никој не е дури ниту вербално укорен, во медиумите или од политичари. Не го слушнавме Радев да го осуди нападот врз македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград, на пример, а ниту било кој бугарски политичар. Македонските политичари ги осудија нападите во Македонија и судот постапи по случаите. Тоа за Бугарија е несонив стандард.

Може ли Радев да посочи еден бугарски државјанин со македонски идентитет кој држи позиција во администрацијата сега или да држел таква во Бугарија во последните 60 години? Не може. Таков нема и не може да има. Ние лесно се сеќаваме на луѓе со бугарска самосвест кој држеле исклучително високи позиции во Македонија – Димитар Димитров, Младен Србиновски, Ѓорѓи Трендафилов и други, посочуваат здруженијата на Македонците преку објава на социјалните мрежи.

Оттаму велат дека Радев цитира 150.000 од Македонија кои добиле бугарско државјанство на основа на бугарско потекло.

Колку од нив имале високи позиции во Македонија? Еден премиер како Љубчо Георгиевски веднаш доаѓа на ум… Да се претставува тепан од своите другари по криминал како тепан поради својот бугарски идентитет, само покажува колку нема аргументи Радев и колку бескрајно далеку се наоѓа тој од реалноста, стои меѓу другото во реакцијата на Партијата и здруженијата на Македонците во Бугарија – ОМО „Илинден“-Пирин, ОМО „Илинден“, Правозаштитен комитет „Толеранција“, Друштво на репресираните Македонци во Бугарија, Друштво за заштита на основни човекови права, Граѓанска иницијатива за признавање на македонско национално малцинство во Бугарија и Македонски дискусионен клуб за етничка толеранција.

Бугарскиот претседател му одговори на премиерот Христијан Мицкоски околу можноста за репреговарање на Договорот за добрососедство. Радев вели дека на македонскиот државен врв му недостасува познавање по уставно право и европското законодавство.

Уште претходно, Комитетот на министри на Советот на Европа ги повика бугарските власти да ги почитуваат 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија чија цел е признавање на македонското малцинство во Бугарија.

Официјална Софија не признава постоење на македонскиот јазик и вели дека е дијалект на бугарскиот јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.