Нова блокада на граничниот премин Евзони (Богородица) кон Македонија од 19 до 21 часот по локално, односно од 18 до 20 часот по македонско време најавиле земјоделците од северниот дел на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, но и според државната телевизија ЕРТ, ова ќе биде втора блокада за денеска, со оглед на тоа дека во периодот од 13 до 15 часот затвориле една од лентите за влез во Грција на товарни возила за меѓународен транспорт.

Не е исклучена можноста, вечерва, блокадата да биде целосна, односно да ги затворат сите точки за влез и излез од Грција на конкретниот граничен премин кон нашата земја.

Симболична едночасовна блокада на границата имаше и доцна синоќа.

Земјоделците од цела Грција во текот на денешниот ден одржуваат состаноци на кои ги информираат нивните колеги за вчерашната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а за утре напладне е закажана заеднички состанок на сите земјоделци за да ги одредат нивните следни чекори.

Со оглед на тоа дека првичните реакции по разговорите со Мицотакис се дека не биле исполнети сите нивни барања, се поверојатно е дека ќе се интензивираат протестите и блокадите



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.