Македонија и Албанија остануваат на листата безбедни трети земја за барателите на меѓународна заштита „кои на грчка територија нелегално влегле од границите со овие две земји“, според Министерството за миграција и азил на Грција во однос на новата, ажурирана годишна класификација на земјите на потекло и транзит за мигрантите и бегалците, јави дописничката на МИА од Атина.

Каталогот се ажурира секоја година и содржи безбедни земји на потекло и безбедни трети земји, а во ланската листа за првпат беа вклучени Македонија и Албанија, нешто што е продолжено и сега со заедничката министерска одлука потпишана од министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис и алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитадис Варвициотис,

Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека од листата безбедни земји отстранета е Украина поради руската инвазија, а непроменет е статусот на Гана, Сенегал, Того, Гамбија, Мароко, Алжир, Тунис, Грузија, Индија, Ерменија, Пакистан и Бангладеш, кои остануваат безбедни земји на потекло.

Исто така, останува карактеризирањето на Турција како безбедна трета земја, за барателите на меѓународна заштита, чија земја на потекло е Сирија, Авганистан, Пакистан, Бангладеш и Сомалија. Исто така и на Албанија и  Македонија, како безбедни трети земји за барателите на меѓународна заштита кои нелегално влегле на грчката територија од нејзините граници со овие земји, соопштија од надлежното Министерство.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека „класификацијата на земјите како безбедни земји на потекло и транзит е основна обврска на земјата, во рамките на европското законодавство и поддржува спроведување на строга, но правична миграциска политика“ и обезбедува доделување азил на оние на кои навистина им е потребен и имаат право на тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.