Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику вели дека, додека Албанија напредува „со крупни чекори“, Косово станало „заложник на популистичкото лудило“ на владата на премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коментирајќи ја вчерашната посета на американскиот државен секретар, Ентони Блинкен на Тирана, Абдиџику на неговата страница на Фејсбук напиша дека „години наназад една таква посета не би била можна без да се скокне до Приштина“.
– Американскиот државен секретар во посета на Албанија. Таму зборува за рекордниот број на туристи, за песните на Дуа (Липа), за работата на Мира Мурати во ЧетГПТ, за квалификацијата на Албанија на европското првенство во фудбал и за извонредното партнерство меѓу двете пријателски земји. Години наназад една таква посета не би била можна без да се скокне до Приштина. Косово како дестинација беше природно, напиша Абдиџику.
Косовскиот опозициски лидер вели дека е среќен за напредокот на Албанија, додека косовските челници во исто време „се гордеат со политичкиот мрак“ во кој се наоѓа земјата веќе три години, односно од доаѓањето на власт на партијата на Курти, Движење самоопределување.
Алудирајќи на последните изјави на заменикот државен секретар, Џејмс О’Брајан и на американскиот амбасадор во Приштина, Џеф Ховениер, дека Владата на Курти му наштети на партнерството со Вашингтон со непочитувањето на барањата за одлагање на забраната на српскиот динар, Абдиџику порача дека властите во Приштина „ракоплескаат на несреќата“ што ја предизвикале и „промовираат делириум“.
-Денеска, во истиот час и во истиот ден во Косово, кое е мрачно поради популизмот, САД ни говорат за историски најниски односи. За разнишување на партнерството и криза во комуникацијата. Среќен сум поради напредокот на Албанија. Во економијата, културата, туризмот, спортот и дипломатијата. Тие ни бегаат со големи чекори. Го прават тоа мудро, како земја на НАТО и со партнери! Додека Косово, нашата држава, стана заложник на популистичкото лудило. Тие ракоплескаат на судирите. Го поттикнуваат делириумот. Се фалат со сиот политички терор што не придружува веќе три години, напиша Абдиџику
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.