Кабинетот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во вторникот побара внатрешна истрага со која би се утврдило како Стефан Чернетиќ, кој лажно се претставува како принц на Црна Гора и Македонија, присуствувал на прославата на Денот на државноста која се одржа во Цетиње.

На 13 јули Чернетиќ на својата Фејсбук страница објави фотографии од прославата на Денот на државноста, организирана од Ѓукановиќ.

„Чернетиќ не беше на списокот на гости што го состави Кабинетот на претседателот на Црна Гора. Канцеларијата на претседателот не е одговорна за проверка на гостите кои влегуваат на рецепција“, изјавија за БИРН од кабинетот на Ѓукановиќ.

Лажниот принц во септември 2018 година беше во Скопје каде што се сретна со тогашниот премиер Зоран Заев и му додели одликување.

Откако Чернетиќ објави фотографии од средбата во кабинетот на Заев, од владата соопштија дека станува збор за „неофицијална средба од неформален карактер со лицето Стефан Чернетиќ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.