Специјалниот претставник на Европската Унија за диалогот меѓу Косово и Србија и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак ќе допатува утре, 27 јуни, во тридневна официјална посета на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Канцеларијата на ЕУ во Косово преку соопштение за јавноста информира дека Лајчак ќе се сретне со премиерот Албин Курти, како и со лидерите на главните опозициски партии и со претставници на меѓународната заедница во земјата.

Според соопштението, за време на престојот во Косово, претставник на ЕУ планира да ги посети и градот Призрен и северниот дел на државата, населен со мнозинско српско население, додека обраќање пред медиумите е предвидено за в среда, на 29 јуни.

Посетата на Лајчак доаѓа откако минатиот вторник Приштина и Белград го усвоија во Брисел Патоказот за имплементација на енергетските договори од 2013 и 2015 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.