Премиерот на Косово Албин Курти изјави дека е „голем оптимист оти конечниот договор со Србија ќе биде постигнат оваа година“.

Мислам дека следната средба во Брисел ќе покаже на што можеме да се надеваме оваа година. Јас сум оптимист, многу сум оптимист дека ќе се постигне договор оваа година, изјави Курти за Франс 24 за време на Минхенската безбедносна конференција.

Тој додаде дека за таков исход е потребно значително учество на меѓународната заедница.

Курти оцени и дека односите меѓу Белград и Приштина „не се нормални“.

Сакаме целосна нормализација на односите, што подразбира взаемно признавање. Убеден сум дека шатл-дипломатијата и средбите на високо ниво што ќе се одржат оваа година ќе придонесат да бидеме поблиску до договор во согласност со европскиот предлог, што го иницираа Франција и Германија, вели Курти.

На прашањето дали може да се постигне договор веќе на средбата на 27 февруари со претседателот на Србија Александар Вучиќ, тој рече дека засега не може да каже кога ќе следи договорот.

Во врска со Заедницата на српски општини, Курти вели дека тоа е само еден дел од договорот од Брисел пред 10 години, а ги имало вкупно 33.

Сите тие договори ќе бидат тема на средбите. Еден од нив секако е договорот што го содржи ЗСО, кој не го положи тестот на нашиот Уставен суд. Француско-германската иницијатива не може да се претвори во шведска маса, од која секој може да избере што сака. Имаме и други договори што се од големо значење… Има многу што треба да се разговара, а ќе дојде време и за ЗСО, изјави Курти за Франс 24.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.