Косовскиот премиер Албин Курти ги повика припадниците на српското малцинство во земјата да не бидат „жртви на манипулациите на српските властодршци“ и да не ги напуштаат косовските институции, јави дописникот на МИА од Приштина.
Откако најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), објави дека Србите ќе ги напуштат сите институции во Косово поради одлуката за санкционирање на оние кои нема да ги променат српските со косовски регистерски таблички, Курти порача дека неговите дејствија не се насочени против припадниците на српската заедница, туку имаат за цел воспоставување ред и закон за сите косовски граѓани, без оглед на нивната припадност.
Во објава на Фејсбук на албански и српски јазик, Курти им порача на припадниците на српското малцинтво во земјата дека тој не е против нив, туку властите во Србија се против него.
Ги повикувам сите српски граѓани во Косово да ги зачуваат мирот и безбедноста. Јас не сум премиер против вас, туку Белград е против мене. Јас сум премиер кој ќе ви служи вам, почитувајќи ги уставноста и законитоста на Република Косово. Мој приоритет се борбата против корупцијата, значи правдата и економскиот развој, односно вработувањето, еднаквоста и добросостојбата за сите, без оглед на етничката припадност, верата или потеклото, напиша Курти.
Повикувајќи ги Србите да не ги бојкотираат косовските институции, Курти порача дека се работи за „политички манипулации и геополитички игри“ од страна на српскиот државен врв, предводен од претседателот Александар Вучиќ, за кого вели дека бил министер за информации во владата на „српскиот водач во балканските војни“, Слободан Милошевиќ, и од актуелниот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, кој бил портпарол на партијата на Милошевиќ во време на воените конфликти во поранешна Југославија.
Според косовскиот премиер, Србија е „недемократска земја и орудие на Кремљ“, за што доказ се честите средби на српските државни лидери со амбасадорот на Русија во Белград.
Одлука на СЛ за напуштање на косовските институции поради одлуката на владата во Приштина да воведе санкции за тие кои нема да ги сменат српските со косовски регистерски таблички, според Курти, е доказ дека „Белград почнал со закани и подготовки за дестабилизирање на Косово“.
Претставниците на СЛ пред една недела рекоа дека ќе организираат жесток отпор против казните. Меѓутоа тие не го чекаа 21 ноември (за кога е најавено изрекување парични казни). Белград започна со закани и подготовки за дестабилизирање на Косово. Јасно е за што станува збор: српскиот претседател излажа и ги измами Американците и Европјаните; тој многу често се среќава и се координира со рускиот амбасадор во Белград… Ова е нивна (на Вучиќ и Дачиќ) лична борба за власт, ниту е за граѓаните ниту пак за државата, напиша Курти.
Според косовскиот премиер, со сегашната поддршка на претседателот на Русија, Владимир Путин и на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, српскиот државен врв покажува дека ја напушта Европа.
Курти се осврна и на исходот од војната во Косово во 1998-99 година и на договорот меѓу НАТО и српските сили, потпишан во Куманово во јуни 1999, со кој, како што вели, „Србија капитулира и се збогува од Косово“.
Србија капитулира и се збогува од Косово на 9 јуни 1998 година со Кумановскиот договор. Затоа, не треба да губиме време и да доцниме во 2022 година. Поддржувајќи ги Милошевиќ и (лидерот на српските радикали, Војислав) Шешељ пред четврт век, се збогувавте од Косово. Денес, со поддршката на Путин и Лавров, се збогувате од Европа, порача Курти.
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, одлучи да ги повлече своите членови од институциите на Косово.
Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој беше единствен министер Србин во владата на Курти, поднесе оставка од челната функција во Министерството за заедници и враќање.
По седница на партиското раководство, Ракиќ изјави дека е одлучено Србите да се повлечат од сите политички институции – Собранието, Владата и четирите општини во северно Косово кои таа партија ги води, како и од правните институции, полицијата и администрацијата на Косово.
Одлуката уследи по разрешувањето на директорот на полицијата на Косово за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој одби да ја спроведе одлуката на владата за пререгистрација на возилата со таблички издадени од Србија и опремување со таблички со косовската ознака РКС.
СЛ му порача на Курти дека нема да се врати во институциите сé додека не се спроведе договорот меѓу Приштина и Белград за формирање на заедница на оспштини со мнозинско српско население и додека не се повлече одлуката за промена на табличките. Освен тоа, најавен е „жесток одговор“ од српското население од моментот кога ќе се изрече првата парична казна на Србин кој има возило со таблички издадени од Србија.
Западните дипломати, на чело со Амбасадата на САД во Приштина, велат дека Косово има целосно право да ги смени српските со косовски регистерски таблички, но бараат одложување на спроведувањето за една година, со цел во меѓувреме да се постигне договор и за тоа прашање во преговорите меѓу Приштина и Белград со посредство на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.