Косовскиот премиер, Албин Курти по денешната средба со специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за косовско-српскиот дијалог, Габриел Ескобар, изјави дека Косово е подготвено за постигнување законски обврзувачки договор со Србија, „со меѓусебно признавање во неговиот центар“, јави дописникот на МИА од Приштина.
На заедничката прес-конференција со Ескобар, Курти изјави дека Косово досега покажало дека е конструктивна страна во дијалогот со Србија.
– Со господинот Ескобар разговаравме за значењето на нашите билатерални односи, партнерството меѓу нашите две земји, прогресот и реформите во Косово, справувањето со енергетската криза, како и за односите меѓу Косово и Србија, процесот на дијалогот и патот кој ни претстои, изјави Курти.
Тој рече дека Ескобар е голем пријател на Косово, „но и личност која придонесува за мирот, безбедноста и демократизацијата, не само во Косово, туку и во регионот“.
Американскиот емисар изјави дека со Курти, меѓу другото, разговарал за „регионалните импликации“ од дијалогот меѓу Косово и Србија.
– Разговаравме за прашањето на односите со Србија, за регионалните импликации од дијалогот, значењето на продолжувањето на американската поддршка за независноста, за суверенитетот и безбедноста на Косово, изјави Ескобар.
Тој нагласи дека е значајно за Косово „да се построи на страната на европските вредности во ова многу битно време на криза во европскиот континент“.
Пред да се сретне со Курти, Ескобар денеска беше примен од косовската претеседателка, Вјоса Османи, а подоцна во американската амбасада ќе се сретне и со лидерите на трите најголеми опозициски партии – Мемли Красниќи (Демократска партија на Косово), Љумир Абдиџику (Демократски сојуз на Косово) и Рамуш Харадинај (Алијанса за иднината на Косово).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.