Сомнителниот коверт со прашок со непознат состав што беше откриен во Руската амбасада во Атина, по соодветната операција на Противпожарната служба на Грција, предаден е до Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во акцијата со ангажирани 15 пожарникари со специјална единица и пет возила, бил спроведен протоколот за собирање опасен материјал и ковертот, откако бил ставен во специјално пакување ѝ бил предаден на ЕОДИ за понатамошни анализи.

Грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на извори од Противпожарната служба пишува дека кусо по 10 часот утрово вработен во амбасадата, го открил ковертот, му изгледал сомнително и не го отворил, по што биле информирани надлежните.

Претпладнево, освен сомнителниот коверт во Руската амбасада, мобилизација на грчката полиција предизвика и сомнителен куфер оставен пред хотел во центарот на Атина, по што превентивно беше затворен поширокиот дел, но полицајците пронајдоа само алишта и лични предмети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.