Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ги осудува произволните и крајно навредливи изјави во однос на населението во Гора како бугарско. Имено, во својство на европратеник, при неговата посета на Република Албанија на 23. 06. 2023 година, Ковачев објави дека се сретнал со бугарска заедници во регионот Гора“. Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија.

Ветува бугарски пасоши по кратка постапка, подмитува изроди од македонското ткиво кои работат во правец на бугарско асимилирање на Македонците итн. Фактот дека ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Република Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако ги алармира сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците во Албанија, а особено во областа Гора.

Секако, најавената посета на Андреј Ковачев треба да биде дополнителен притисок врз населението во Гора за негово побугарување, бидејќи тој ја има во свои раце моќта да лаже и замајува во својство на европратеник. Македонското друштво “Илинден“-Тирана изразува жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица и што потклекнуваат пред тие уцени. При тоа, цената на уцените во однос на евроинтеграциите на Република Албанија, политичкиот врв на нашата држава ја плаќа со нашата национална припадност и нашето национално достоинство како Македонци.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги повикува европските институции, кои тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари, но и европратеници во однос на македонското национално малцинство во Република Албанија. Досегашното нереагирање на европските институции кон бугарските, крајно дрски и насилнички атаци врз Македонците во Република Албанија, за нас, како македонско национално малцинство значи дека европскиот дом е дом на насилници кои со силата на моќта смеат да го газат и тероризираат кој сакаат народ на Балканот, во Европа и во светот. Посакуваме, Европската Унија да ги заузда насилниците од Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.