Косовската влада денеска го забрани копањето на криптовалути за да ја намали потрошувачката на електрична енергија во време кога земјата се соочува со најлоша енергетска криза во последното десетлетие.
Полицијата ќе запре копање „во соработка со другите релевантни институции кои ќе ги идентификуваат локациите на кои се произведуваат криптовалути“, соопшти министерката за економија и енергетика Артане Ризваноли.
Поради евтината струја во изминатите години многу млади луѓе на Косово почнаа да копаат криптовалути.
Косово минатиот месец имаше редукција на струја двапати дневно по два часа поради отежнатата работа на термоелектраните на јаглен и високите увозни цени на електричната енергија.
Европските цени на гасот пораснаа во вторникот за повеќе од 30 отсто откако е намалено снабдувањето со гас од Русија, што предизвика загриженост дали ќе може да дојде до енергетска криза во зимските месеци.
Косово во декември прогласи вонредна состојба на 60 дена која на владата ќе и овозможи да одвои повеќе пари за увоз на енергенски и да воведе дополнителни рестрикции и поостри мерки.
Еден од рударите на криптовалути анонимно за Ројтерс рече дека месечно плаќа за струја 170 евра, а од копањето заработува дури 2.400 евра.
Копањето криптовалути расте и на северот на Косово, каде мнозинство се Срби кои одбиваат да плаќаат струја.
Косово увезува над 40 отсто од електричната енергија.
Околу 90 отсто од домашното производство отпаѓа на лигнит, мек мрк јаглен чие согорување предизвикува големо загадување.
Косово со 12 до 14 милијарди тони, според официјалните податоци, ги има петтите најголеми резерви на лигнит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.