Владата на Косово во следните две недели ќе поднесе барање за членство во ЕУ, потврди косовскиот премиер Аљбин Курти.

На самитот на лидерите на партиите членки на Европските социјалдемократи, Курти го најави овој чекор и побара поддршка од оваа политичка групација.

„Овој месец, пред Божиќ, Косово ќе поднесе барање за членство во Европската унија“, рече Курти.

Тој побара од европските лидери „да размислуваат надвор од сегашните координати за напредок“ и изјави дека на Западен Балкан му е потребна конкретна поддршка и конкретни датуми – што ќе се случи во која година. Според него, ова е начин да се задржат сите земји на европскиот пат и што поскоро да се приклучат кон ЕУ.

„Потребен ни е забрзан процес на проширување. Досега зборувавме за европска перспектива или проширување, но ни треба членство во ЕУ. Ништо друго веќе не е доволно. Тешко е да се мобилизираат луѓе и да се одржи оптимизмот и ентузијазмот ако немаме временска рамка“, рече Курти.

Тој смета дека решението лежи во постепеното приклучување на регионот на ЕУ, пред се во економската интеграција, по моделот на Европската економска заедница, „некаков регионален пазар или договор за слободна трговија во Југоисточна Европа“.

„Важно е да има плима на Западен Балкан што ќе ги подигне сите бродови  во исто време“, рече Курти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.