Основниот суд во Приштина соопшти денеска дека на српски државјанин, идентификуван со инцијалите С.М., му одредил едномесечен притвор поради постоење сомневања дека ги сторил кривичните дела „Здружување со цел противуставна дејност“, „Загрозување на лица под меѓународна заштита“, „Учество во толпа што врши кривично дело и хулиганство“ и „Напад врз службено лице“, поврзани со нередите од мај минатата година во Звечан во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Судот наведува дека „постојат правни причини за определување притвор, имајќи ги предвид начинот и околностите во кои се сторени кривичните дела, особено општествената опасност на кривичните дела, последиците од кои многу припадници на КФОР, полициски службеници, новинари и други граѓани се повредени“, а причинети се и „бројни материјални штети од опожарување и физички оштетувања.
С.М. е осомничен дека со група други осомничени учествувал во протестите организирани на 29.05.2023 година пред зградата на општина Звечан, нападнале припадници на КФОР и припадници на косовската полиција, како и користеле пена за блокирање на вентилацијата на полициски автомобил во кој во тие моменти биле заробени полициски службеници, а целта на пријавениот била да го спречи снабдувањето со кислород на овие полицајци, сериозно загрозувајќи ги нивните животи, со што дејствијата на овој обвинет ги исполнуваат сите елементите на кривичните дела за кои е осомничен, се наведува во судското соопштение.
Според образложението за определување притвор, доказите доволно покажуваат дека обвинетиот, доколку му се дозволи да се брани на слобода, ќе се обиде да ги промени доказите за кривичното дело, влијаејќи врз други осомничени кои се на слобода, како и други потенцијални сведоци“.
Во конкретниот случај постои и ризик од бегство на обвинетиот, тој лесно може да избега, имајќи го предвид фактот дека е државјанин на Србија и доколку биде ослободен може да избега, така што во овој случај определување притвор е неопходно и повеќе од оправдано, се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.