Косовскиот премиер Алби Курти изјави денеска дека неговата Влада ги поддржува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Собранието на Косово, на која се расправаше и за кризата на руско-укаинската граница, Курти изјави дека Косово, и во оваа ситуација, како и секогаш „ќе биде на страната на Европската Унија, Соединетите Американски Држави и НАТО“.

И косовското Министерство за надворешни работи денеска се огласи со соопштение, во кое го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „уште еднаш отвора војна против една мирољубива демократија“.

Косово е на страната на Украина против руската агресија. Путин уште еднаш отвора војна против една мирољубива демократија. Тој води хибридни војни против демократии низ Европа веќе со години. Слободниот свет мора решително да му одговори на Путин и на неговите претставници, се вели во соопштението на косовското МНР.

Најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово, побара денеска од премиерот Курти да го свика Советот за национална безбедност поради ситуацијата во Украина и да воведе санкции кон Русија доколку тоа го сторат ЕУ и САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.