Коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ нема да го поддржи првиот мандат за формирање влада на ГЕРБ-СДС, со Марија Габриел како кандидатка за премиер.

Ова, како што пренесуваат бугарските медиуми, било одлучено на денешните состаноци на Коалициониот совет на втората по големина политичка сила во Бугарија, прво меѓу петмината лидери Кирил Петков, Асен Василев, Христо Иванов, Атанас Атанасов и Владислав Панев, а потоа со пратеничката група.

Одлуката ја соопштија Петков и Иванов, кои најавија дека ќе работат за втор мандат.
„Нема да го поддржиме првиот мандат. Почнуваме да работиме за вториот мандат и тоа го гледаме како единствена алтернатива за Бугарија да не оди на шести избори“,рече Кирил Петков.

Христо Иванов рече дека ќе започнат консултации со сите политички сили во парламентот во врска со нивната подготвеност да поддржат конкретни измени во Уставот.

Сметаме дека ситуацијата во последните неколку дена ја потврдува нашата долгорочна позиција дека бугарскиот политички и институционален систем не може да се нормализира без длабока амбициозна промена на Уставот, во однос на Високиот судски совет и на Обвинителството. Очигледно е дека сè друго дава краткотрајни сојузи и затоа треба да ги почнеме тие разговори за да видиме дали има политичка база за да се формира уставно мнозинство, изјави Иванов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.