Албанската министерка за финансии и економија Делина Ибрахимај на денешната прес-конференција изјави дека на крајот на првиот квартал од годинава јавниот долг на Албанија достигнал ниво од 63,27 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
– Јавниот долг на крајот на 2022 година беше за околу 10 процентни поени помал од крајот на 2021 година, а трендот на намалување продолжи и во првиот квартал од годинава. Во однос на Бруто домашниот производ на крајот на 2022 година, јавниот долг изнесуваше 66,97 отсто, рече Ибрахимај.
Таа додаде дека на крајот на првото тромесечје јавниот долг се намалил за 3,7 отсто.
– Од кога го изготвивме буџетот за 2023 година изјавивме дека главната фискална политика на Министерството за финансии и економија ќе биде политиката на фискална консолидација, каде што имаме за цел намалување на јавниот долг и дефицитот, како и главните показатели за фискалната одржливост, што ќе ни овозможи во иднина да го имаме потребниот простор да се соочиме со секакво неочекувано нешто што може да ни се појави. Јавниот долг на крајот на 2022 година беше за околу 10 процентни поени помалку од крајот на 2021 година, а трендот на намалување продолжи и во првиот квартал од годината. На крајот на првиот квартал од годинава долгот достигна ниво од 63,27 отсто од БДП, изјави министерката.
Нашата основна цел, посочи таа, беше, од една страна, да ги зголемиме инвестициските приходи на албанските граѓани, а од друга страна, да ја зголемиме побарувачката за инвестиции, влијаејќи на забавување на каматните стапки.
– Токму тоа се одрази и се случи. Сметаме дека политиката што ја следевме во однос на издавањето обврзници, во леки и во евра, е правилна политика и очекуваме намалувањето на каматните стапки за леки да ја поттикне побарувачката за кредити, и побарувачката на потрошувачите и онаа за инвестициите, оцени Ибрахимај.
Таа додаде дека отворањето на шалтерите на Централна банка на Албанија за инвестиции во државни обврзници имало за цел да ги поттикне инвестициите на физичките лица во државни хартии од вредност, инвестиции со минимален ризик и кои би влијаеле на зголемување на побарувачката за владините инструменти.
Надолниот тренд на нивото на јавниот долг, очекува министерката, да се забрза во наредните години.
Оптимистички се процените и за нивото на економски раст со стапка од 2,6 отсто во 2023 година и се очекува да биде во просек околу 3,9 проценти годишно во следниот среднорочен период 2024-2026 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.