Пред претстојниот попис на населението и домаќинствата во Албанија, кој почнува во понеделник, Комитетот за малцинства упати апел до припадниците на малцинствата да ги примат во своите домови попишувачите и дадат одговор на поставените прашања.

Од 18 септември до 30 октомври, тимовите на ИНСТАТ ќе тропнат на вашата врата за прибирање податоци за пописот на населението и домаќинствата, што се спроведува според европските стандарди. Дадете точни податоци без влијание на никакви притисоци, стои во повикот под мотото „Јас, Ти, Ние”.

Се додава дека податоците ќе дадат преглед на моменталната состојба на населението во Албанија во 2023 година.

Исто так се наведуваат дел од 100-прашања во формуларот, нагласувајќи дека единствено прашањата за етничка и верска припадност и јазик се незадолжителни за одговор.

– Пописот бара информации за демографските, социјалните и економските карактеристики на поединците. Ова вклучува прашања за возраста, полот, односите меѓу членовите на семејството, местото на раѓање, степенот на образование, работниот статус, етничката припадност, религијата, попреченост и условите за живеење. За првпат, одговорите ќе бидат снимени од попишувачите на таблети, стои во објавата.

Се посочува дека пописот на целокупното население и домовите е најважната статистичка операција во државата и врз основа на овие податоци институциите ќе можат правилно да ги планираат потребните интервенции и услуги за жителите.

Комитетот е владин орган, во кој членуваат претставници на девет малцинства чиј статус е признат со „Законот за заштита на малцинствата”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.