Ако падне Украина, следна е Молдавија, а потоа веројатно Грузија, а нештата би можеле да се искомплицираат и на Западниот Балкан, кажа словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Тој повтори дека на Украина треба да ѝ се понуди конкретна европска перспектива, а дека ЕУ, поучена од руската агресија на таа држава, во иднина мора да се ослободи од енергетската зависност од Русија и воено да зајакне, потврдувајќи дека деновиве нема да отиде во Украина, како што најавуваше.
Словенечкиот премиер предупреди денес на домино ефект ако Украина падне, напоменувајќи дека судбината на таа земја е клучна не само за Европа, туку и за светот во целина.
Тој смета дека сега е време Европа да се одвикне од енергетската зависност од Русија.
Ако Украина падне, следна е Молдавија, а потоа веројатно Грузија. Нештата би можеле да се искомплицираат на Западниот Балкан, секаде каде што периферијата на ЕУ сè уште не е во Унијата или во НАТО. Тогаш балтичките земји речиси сигурно ќе бидат следни, а тогаш сме на работ на сериозен конфликт кој би можел да предизвика Трета светска војна- кажа Јанша.
Дали Украина се брани или не, важно е за Словенија, Европа и за целиот свет. Ако Украина истрае, можеме да сметаме дека нема да има ескалација туку преговори, кажа тој.
Јанша кажа дека уште од „авганистанскиот дебакл“ Пекинг и Москва координираат некои потези.
Тој е уверен дека рускиот претседател Владимир Путин не би ја нападнал Украина без некој вид премолчена поддршка од Пекинг, кој се воздржа од осуда на руската агресија во Советот за безбедност на ОН.
Мислам дека ова е првпат членка на Советот за безбедност да е на страна на Русија, осудувајќи ги санкциите против Русија, а не инвазијата. Тоа не е неутрална политика- кажа Јанша.
Што се однесува до санкциите, Јанша кажа дека зависноста на Словенија и Европа од руската енергија е стратегиски проблем, но и забележа дека Путин со нападот на Украина конечно ја поттикнал Европа да се ослободи од енергетската зависност од Русија.
Јанша истакна дека нападот на Украина е огромна грешка на Путин, додавајќи дека Словенија и Европа неколку години ќе имаат проблем со преминувањето од руската енергија, но дека Русија ќе изгуби голем пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.