Еден од водачите на криминална група која се занимава со продажба на дрога и перење пари Башким Османи од Косово во вторникот бил уапсен во акција на Европол во Хрватска.

Неговиот имот по европските земји се проценува во стотици милиони евра, а дел од тие пари завршиле и во Македонија. При неговото приведување во Пореч во Хрватска, запленети биле 86 уметнички слики вредни пет милиони евра, седум спротски автомобили, јахта, 16 скапоцени рачни часовници…

Браќата Ќазим, Бурим, Беким и Башким Османи беа под истрага на Европол во операцијата „Црн орел“. Османи со години живеат во Германија, од каде што го прошириле својот бизнис во Шпанија, Белгија, Холандија и други европски земји, меѓу кои и во Македонија. Најголем дел од нивниот имот е сепак во Германија.

Парите заработени од криминал, наводно, подолго време се инвестирани во недвижнини и казина, а во албанските медиуми се претставени како моќни бизнисмени кои ја финансирале ОВК и активностите на поранешниот косовски претседател Ибрахим Ругова. Дел од тие пари биле инвестирани и во Македонија. Надлежните органи допрва треба да го испитуваат потеклото на парите за тиа бизниси и имоти во Македонија.

Браќата Османи контролираат цела мрежа за шверцување на кокаин од Јужна Америка во Европа и перење на заработените пари. Според истражителите кои учествуваат во оваа голема меѓународна акција, на чело на оваа криминална организација е Башким Османи, кој е приведен во вторникот во неговиот хотел во Пореч по налог на шпанската полиција.

Османи, кој има и хрватски пасош, во судот во Пула ги негираше сите обвинувања и се согласи да биде предаден на шпанските власти убеден дека таму ќе ја расчисти целата ситуација.

Белгиските медиуми објавија дека во акцијата за апсење на Башким Османи учествувале 600 полицајци од седум европски земји.

За педесетгодишниот Башким Османи се вели дека е мафијашки бос кој заедно со еден од неговите браќа во 2008 година веќе беше осуден на четири години затвор за економски криминал. Според шпанските медиуми, Османи често престојува на Мајорка, каде што биле уапсени неговата сопруга и татко.

Европол во текот на истрагата досега откриле 30 милиони евра „испрани“ пари, како и недвижен имот на Мајорка, 86 слики во масло вредни пет милиони евра, седум луксузни автомобили, 16 луксузни часовници, 203.000 евра во готовина и 40.000 во криптовалути.

Италијанските медиуми јавуваат дека една од главните фигури во организацијата, предводена од браќата Османи, е Артур Шеху од Валона, кој поседува имоти на албанскиот брег.

Оваа заедничка европска полициска операција е резултат на сложена меѓународна истрага во која се вклучени Одделот за истрага против мафијата (ДЕА) и полициските сили од Белгија, Шпанија, Германија, Холандија, Хрватска и Обединетото Кралство, во координација со Меѓународната полициска служба за соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.