Претседателот на босанската Партија за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, изјави дека е можно одложување на изборите во БиХ, што треба да се одржат во октомври, доколку со тоа се реши проблемот со промената на Изборниот закон.
Откако разговорите за промена на Изборниот закон меѓу хрватските и бошњачките партии, закажани за вчера во Мостар, беа откажани без посебно објаснување, Изетбеговиќ на новинарите во Сараево денеска им изјави дека воопшто не бил поканет на состанокот, но додаде дека тоа не влијае на подготвеноста за продолжување на разговорите и изнаоѓање решение.
Не е нереално да се постигне договор. Лесно им е на експертите да им се понудат конкретни решенија кога има политички договор – изјави Изетбеговиќ.
Тој нагласи дека договорот мора да го вклучи спроведувањето на сите пресуди со кои се утврдува дискриминација на граѓаните на БиХ во изборниот процес, потврдувајќи дека „има одреден напредок“ во досегашните консултации.
Изетбегеовиќ изјави дека претставниците на меѓународната заедница сега чекаат приближување на ставовите на политичарите од БиХ, по што и тие би можеле да се вклучат во финализирањето на договорот.
Сепак, Изетбеговиќ ја отфрли можноста за промена на составот на членовите на Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК), што го бараат ХДЗ БиХ и Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик.
На седницата на Домот на народите на Парламентот на БиХ, претставниците на двете партии донесоа заклучок во кој се тврди дека сегашниот состав на ЦИК е незаконски избран и дека постапката за именување треба да се повтори. Владејачките хрватски и српски партии се незадоволни бидејќи сметаат дека сегашните српски и хрватски членови на ЦИК се блиски до опозицијата.
Бошњачките пратеници беа против, а лидерот на СДА рече дека ХДЗ и СНСД можат да бараат за се да одлучува судот, без кој составот на ЦИК нема да се менува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.