Македонецот Иван, кој вчера ја организирал забавата за својот 30-ти роденден, што се претвори во голгота за него и двајцата другари, успеал да преживее повеќе од 18 часа во водите на Егејското Море, држејќи се за топка која ја донел ветерот, ѝ кажал тој на градоначалничката на Касандра на Халкидики.
Како што пишува грчкиот весник „Прототема“, Иван бил пронајден жив и здрав околу 12.30 часот, и покрај тоа што безмалку 19 часа се борел со брановите. Во неколкуте зборови што им ги кажа на новинарите, тој рече дека тоа што бил спасен е најголемиот подарок за неговиот роденден. Татко му и брат му, кои со часови беа на еден од бродовите, се втурнаа во неговите прегратки, видно олеснети што голготата е завршена, а Иван е жив и здрав, пишува весникот.
Како што кажал на градоначалничката на Касандра, Анастасија Халкија, која од првиот момент бeше на местото на настанот и го придружувaше до Здравствениот дом, тој успеал да преживее бидејќи пронашол топка која ветерот ја донел во морето, ја фатил и се држел за неа додека бродот не го забележал.
Многу сме среќни поради среќниот крај. Момчето е во добра здравствена состојба, прилично дехидрирано, но е добро“. Пред малку ми кажа дека успеал да преживее благодарение на топката што ја нашол во морето. Успеал да ја држи топката цели 19 часа. Тој е многу силно дете и е во добра форма, паметен и одлично се справуваше со себе, изјави таа за „Прототема“.
Младиот човек е многу среќен што успеал повторно да стапне на копно и се чини дека е во добра здравствена состојба и покрај неговата долга авантура. Тој, според „Прототема“, побарал од градоначалникот на Касандра да направат заедничка фотографија.
Во исто време, продолжува потрагата по третото момче од Македонија кое од вчера попладне се води како исчезнато во морската област Посеиди. Од рано утрово, во потрагата се вклучени хеликоптер на грчката армија, два чамци на крајбрежната стража и пет приватни брода.
Сѐ започнало кога тројцата Македонци за време на роденденска забава на плажа, вчера доцна попладне решиле да се нурнат во морето. Но, силниот ветер и морските струи набргу ги повлекле кон отвореното море и тие се изгубиле од видикот. Дел од капачите на плажата сфатиле што се случило, но сѐ се одвивало во неколку секунди и немале време да реагираат. Веднаш ги известиле надлежните и започнала потрага по трите момчиња, пишува „Прототема“.
Под координација на Единствениот координативен центар за пребарување и спасување, на местото на настанот пристигнале брод на крајбрежната стража, патролно возило, хеликоптер на воздухопловните сили, два приватни чамци и доброволци на грчкиот спасувачки тим и започнале со потрага по лицата.
Претходно, вчера 25-годишникот беше пронајден жив со помош на сурфер, кој нурнал во водата и го држел момчето додека не пристигнал бродот на крајбрежната стража. Според информациите, тој е во добра здравствена состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.