Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов објави статус на Фејсбук во кој објасни зошто францускиот предлог во ваква форма не е прифатлив.

СЕЈФТИ ФРСТ – ЗА ЛУЃЕТО НО И ЗА ДРЖАВАТА

За мене безбедноста на луѓето секогаш е на прво место. Но, без безбедна држава не може да има ниту безбедни луѓе. Токму овој неспорен факт ми беше мисла водилка на еден најтранспарентен, и би рекол борбен начин, како дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ, да дадам безрезервна поддршка на Преспанскиот договор со Грција, бидејки тој на Македонија и овозможи влез во НАТО.

Како поранешен полициски генерал, како поранешен полициски командант, како поранешен полициски специјалец, како непосреден учесник во вооружените дејствија во Македонија во 2001 година, па и како политичар, многу добро знам кои се придобивките од влезот во НАТО. Без разлика колку и да се оспорувани или критикувани од дел од македонската јавност.

Денес НАТО ја гарантира нашата надворешна безбедност и било каков воен напад врз Македонија ќе се смета како напад врз НАТО. Што се однесува до внатрешната безбедност, Македонија има доволно сопствени сили да се справи со било каков вооружен напад од внатре. При евентуален внатрешен вооружен судир, до кој јас лично не верувам дека може да дојде, нам нема да ни треба помош од НАТО. Доволно ќе биде НАТО да не се меша и да не остави сами да си ја одбраниме нашата држава Македонија.

До тука за мене сè e во ред. Колку и да беше тешко, компромитирачко и непопуларно, колку и да бевме осудувани од значителен дел од јавноста, колку и да трпевме лична и политичка штета, со прифаќањето на договорот од Преспа ги обезбедивме и зацврстивме границите на ова парче македонска земја на кое постои единствената држава на Македонците, се разбира и на сите останати македонски граѓани. “Северна“ но сепак Македонија. Суверена и безбедна македонска држава, членка на најмоќниот военополитички сојуз во светот – НАТО. Безбедни граѓани во безбедна држава. „Сејфти фрст – Безбедноста прво”. И за граѓаните и за државата. Ништо помалку, ништо повеќе од било која друга европска држава.

Иако во Собранието немаме ниту еден пратеник, во Владата ниту еден министер, во општините ниту еден советник, Достоинство е дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ и генерално дава поддршка на целокупната политика на оваа Влада. Во одредени делови, посебно на односот на Владата кон македонските бранители од 2001-та или во кризниот менаџмент, Достоинство активно учествува и во креирање на владините политики.

Како десна партија во лева коалиција, за некои работи Достоинство има поинакви ставови од предводникот на нашата шаренолика коалиција СДСМ, но, благодарение на нашата досегашна соработка, доверба и разбирање го задржавме правото на јавно искажување на различни ставови за одредени општествени настани, процеси или состојби.

Една од значајните разлики со СДСМ е ставот на Достоинство за ослободување на осудените за крвавиот 27 април, став за кој јавно зборувам повеќе од 5 години. Ако државата ги ослободи оние кои во 2001-та убиваа македонски војници и полицајци, вклучително и оние кои беа осомничени или обвинети за воени злосторства, зошто не би ги ослободила и оние кои понесени од намерно создадената патриотска атмосфера, наивно, а некои од нив по однапред подготвен план, влетаа во Собранието и ги нападнаа пратениците на тогашната опозиција? Без разлика дали и колку се виновни тие сепак не убија никого. Силно го осудувам нападот врз македонските пратеници, но сепак неколку удари врз пратеник, колку и да се сериозно кривично дело, сепак се значително помалку од убивање и палење на војници и полицајци или монструозно изживување или убивање на киднапирани цивили.

Ваквиот дијаметрално спротивен став на Достоинство во однос на ставот на владината коалиција досега не се одразил негативно на меѓусебната соработка, доверба и разбирање со предводниците на владината коалиција – СДСМ.

Наредниот крупен различен став на Достоинство со СДСМ е можноста за прифаќање на т.н. модифициран француски предлог во кој се прифатени повеќето непринципиелни и нечесни барања на Бугарија кон Македонија, посебно кон нас Македонците.

Мене лично особено ме иритира тоа што убедливо мнозинство Бугари, од кои повеќето сакаат да се прикажуваат како наши браќа, даваат неспорна поддршка на бугарскиот Парламент и бугарската Влада за блокадата на Македонија на патот кон ЕУ. Барем така кажуваат честите анкети за испитување на јавното мислење во Бугарија. Претпоставувам тие се свесни дека со оваа блокада директно ги оневозможуваат придобивките за Македонија кои би се појавиле со самиот почеток на преговорите со ЕУ. На тој начин бугарските граѓани посредно, преку нивниот Парламент и Влада, придонесуваат Македонците и сите македонски граѓани да живеат полошо отколку кога Македонија би добила датум и би ги започнала преговорите со ЕУ.

Значи, мнозинството од нашите бугарски “браќа” се согласни нивните “браќа“ Македонци да трпат голема штета само затоа што мислат и чувствуваат поинаку од нив. Само затоа што мислат, зборуваат и се чувствуваат како Македонци. Сакам да верувам дека сепак нашите браќа Бугари, насочени од делови од бугарските интелектуални кругови, ќе се одважат и на вонредните парламентарни избори, тајно, зад гласачките паравани, повторно ќе ги казнат нивните најгласни политичари кои го подгреваат бизарниот спор против Македонија и Македонците исто како што направија со партијата на шовинистот Красимир Каракачанов – ВМРО БНД, која на последните избори беше дискфалификувана од бугарската политичка сцена.

Од друга страна, како политичар кој повеќе од 10 години опстојува на македонската политичка сцена, во име на доброто на народот и на државата, иако не се согласувам, јас би можел да се соочам дури и со овие непринципиелни и понижувачки услови кон нас Македонците – но само во случај доколку на Македонија ѝ беше одобрен чист, неспорен и неусловен датум за почеток на преговорите, со кој најпосле ќе започнеа пристапните преговори со ЕУ. За жал, со модифицираниот францускиот предлог Македонија може да смета на реален почеток на преговорите за членство во ЕУ дури откако Бугарите ќе бидат внесени во нашиот Устав, уставна измена за која е потребно двотретинско мнозинство, кое, ако се земат предвид категоричните изјави на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, е невозможно да се обезбеди.

Почетокот на преговорите, дури и под исклучително неповолни услови за нас, на Македонија би ѝ овозможил влез во дворот на ЕУ, кога би била принудена да изврши сериозни, реални, длабоки државни реформи, но воедно би имала пристап и до значителни европски финансиски фондови кои би ни помогнале да ја зајакнеме нашата држава одвнатре, во сите сегменти. Свесен дека можноста да влеземе внатре во ЕУ е прилично мала и неверојатна, не само поради бугарските кочници кои се уфрлени во некои компоненти на модифицираниот француски предлог, туку и поради неискрената политика на некои од клучните држави членки на ЕУ кои декларативно се, но реално не се расположени за можноста држави од Западен Балкан да станат дел од европското семејство.

Токму затоа, „да“ за ЕУ но „не“ по секоја цена. За нас во Достоинство ЕУ нема алтернатива и преговорите со Бугарија мора да продолжат сè до наоѓањето на некое пристојно и прифатливо решение. Но, ваков каков што е, модифицираниот француски предлог е неприфатлив за мене како човек но и за нас како политичка партија Достоинство. Воедно, како неформален лидер на поголем дел од македонските бранители, одговорно тврдам дека за нас македонските бранители кои во 2001-та се боревме и крваревме за татковината Македонија, овој предлог е неприфатлив.

Со самото тоа што немаме ниту еден собраниски пратеник, ниту владин министер, ниту општински советник, влијанието на Достоинство во носењето на крупните политички одлуки на Владата е безначајно и од нас не зависи буквално ништо. Претпоставувам дека сепак, како мала но стегната политичка партија која произлезе од македонските бранители од 2001-та, најмногу преку мене како претседател и репрезент на Достоинство, имаме одредено влијание врз креирањето на јавното мислење и тука завршува нашата политичка моќ. Затоа овој наш јасно изграден став не треба да се толкува како напад врз власта во која партиципираме и ние самите, туку како отворен и конструктивен придонес во широката јавна расправа бидејќи, како што впрочем соопшти и самата Влада, одлуката за иднината на земјава треба да се донесе заеднички, мериторно и со согласност на сите клучни политички фактори.

Во секој случај, доколку нашиот јасно изграден став за т.н. модифициран француски предлог ѝ нанесува неприфатлива штета на Владата, подготвен сум да ја понудам мојата оставка на позицијата директор на Центарот за управување со кризи, а со тоа и на позициите раководител на Главниот штаб за управување со кризи, раководител на Групата за процена и член на Управувачкиот комитет. Во спротивно, Достоинство и понатаму останува дел од владејачката коалиција задржувајки го правото на јавно искажување на различни ставови за одредени општествени настани, процеси или состојби, додека јас како владин функционер и понатаму максимално професионално ќе продолжам да го предводам кризниот менаџмент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.