Инфлацијата во Турција во јули достигна годишна стапка од 79,6 отсто, што е нејзино највисоко ниво во изминатите 24 години, покажуваат податоците на турскиот Завод за статистика. Се работи за последица на континуираната слабост на лирата и високите глобални трошоци за енергија и суровини.

Растот на инфлацијата во земјата почна минатата есен, кога лирата нагло падна, откако централната банка постепено ја намали клучната каматна стапка за 500 базични поени, на 14 отсто во циклус на монетарно ублажување што го бараше претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

На месечно ниво, потрошувачките цени во јули пораснале за 2,37 отсто, објави турскиот Завод за статистика. Се предвидуваше дека на годишно ниво, инфлацијата на потрошувачките цени во јули ќе изнесува 80,5 отсто.

Џејсон Тувеј, виш економист за пазари во развој во Капитал Економикс, вели дека годишната инфлација можеби се приближува до својот врв, со оглед на остриот пад на инфлацијата кај енергентите. Инфлацијата на цените на храната се чини близу до врвот.

Дури и доколку инфлацијата биде близу врвот, ќе остане блиску до сегашните многу високи стапки уште неколку месеци. Острите и неуредни падови на лирата остануваат клучен ризик – истакна Тувеј.

Најголем годишен раст на потрошувачките цени е забележан во транспортниот сектор, за дури 119,11 отсто, додека цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснаа за 94,65 проценти.

Годинава, инфлацијата дополнително беше поттикната од економското влијание на руската воена операција во Украина, како и од континуираниот пад на лирата, која лани ослабе 44 отсто во однос на доларот, а оваа година падна за уште 27 проценти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.